Category: 2017

Ќе ја истражат Европа и ќе ја промовираат Македонија

No Comments
DSC_0036

И ова лето преку проектот „Патуваме во Европа“, во организација на Граѓанската асоцијација МОСТ, 12 студенти од Македонија добија уникатна можност еден месец да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја.

На своето ново патешествие студентите ќе ги  запознаат европските земји и нивните демократски вредности, народите и културите, но и ќе раскажат за својата земја и ќе ги поканат европските граѓани да ја посетат Македонија. Студентите се избрани на јавен конкурс, селектирани според просечната оценка во текот на студирањето, редовност во студирањето и познавањето на странски јазици. Тие своето патување ќе го започнат во Берлин, каде 3 дена ќе имаат можност да се дружат со своите врсници во регионот.

На информативната средба,  која се одржа денес, „Среќен пат“ им посакаа реализаторот на проектот Граѓанската асоцијација МОСТ, како и донаторите Тутунска Банка. Студентите искрено се заблагодарија за укажаната шанса и ветија дека ќе ја искористат на најдобар можен начин. Дополнително, за студентите беше организирана и дружба со студентите од минатите години за размена на совети и искуства.DSC_0004

Александа Алексовска е студентка која оваа година е дел од 12те студенти и која своето патување низ Европа ќе го искористи да истражува на тема: Индустриски дизајн како алатка за одржлив урбан развој во градовите. Со ова истражување таа сака да изврши мапирање и детална презентација на можностите кои нејзиниот град Велес, би можел да ги има во понатамошен развој на градот.

За разлика од неа, претприемачкиот дух на Антонио Димоски е една од причините за пријавувањето на конкурсот. Учеството во проектот „Патуваме во Европа“ за Антонио е одлична можност да ја доразвие својата бизнис идеа која се базира на анализа на македонските универзитети и училишта и да побара дополнитена финансиска поддршка за истата.

Марија Ангеловска, пак е студент кој одлично говори 3 јазици и која своето патување сака да го искористи за да ги истражи социокултурните аспекти на јазикот, како и да се фокусира на тоа како во различни земји јазикот влијае на однесувањето на луѓето.

Граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, на студентите им обезбедува Inter Rail карта, за неограничено патување со воз за 22 дена, патничко осигурување, студентска картичка од Аурора Турс и дел од средствата кои ќе им бидат потребни, на платежна картичка се обезбедени од страна на Тутунска Банка. На студентите исто така им беа доделени и бесплатни брошури за промоција на Македонија, донирани од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Целта на Патуваме во Европа е студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија. Ова е десета генерација на студенти кои ја имаат оваа уникатна можност за патување низ Европа. Изминатите години повеќе од 120 македонски студенти беа дел од проектот.

Патуваме во Европа е регионален проект во рамките на кој студенти од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија,  ќе можат да патуваат  и да се запознаат со функционирањето на системите во другите држави, а во исто време и да ги претстават сопствените земји.

Донатор на проектот е Фондацијата Роберт Бош од Германија, преку Балканскиот фонд за демократија од Белград.

Categories: 2017

Повик за пријавување 2017

No Comments

За проектот

Граѓанската асоцијација МОСТ, со поддршка на Фондацијата Роберт Бош и Балканскиот Фонд за Демократија, јубилејна десетта година по ред ќе го спроведат проектот „Патуваме во Европа“. „Патуваме во Европа” е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово. МОСТ настојува проектот да го спроведува секое лето, притоа проширувајќи ја бројката на учесниците. Досега повеќе од 200 студенти од Македонија биле дел од овој проект.

Мисијата на проектот е 12 студенти од Македонија, преку патување, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури на земјите од Европа, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја  промовираат и Македонија во Европа.

Конкурс

Целта на проектот е да им овозможи на 12 најдобри студенти од Македонија да го поминат летото како поголемиот дел од своите врсници од Европа, патувајќи слободно запознавајќи ги европските градови и народи.

Победниците (избраните студенти) на конкурсот добиваат стипендија која се состои од:

  • InterRail карта за воз во времетраење 22 дена во вредност од 385 евра
  • патничко осигурување
  • ISIC студентска картичка
  • превоз до Берлин
  • учество на специјалното отворање на програмата во Берлин, 24-27.07.2017 година (сместување и оброк во Берлин, средби со останатите студенти од Балканот, забава, разгледување на градот)
  • мал џепарлак, во износ не помал од 120 евра
  • ориентациона сесија во Скопје пред патувањето

Основни критериуми за учество

  • Кандидати кои можат да се пријават за учество на проектот, се студенти на универзитетите во Македонија и се во завршната година на студирање (апсолвенти) или студенти во првата година од постдипломските студии (кандидатите ќе приложат соодветна оригинална потврда од факултетот на кој што студираат, со која што ќе го потврдат својот статус)
  •  Да се помлади од 26 години, да се државјани на Р. Македонија и да поседуваат биометриска патна исправа.
  • Достигнувања на студентите:

А. Просечна оценка за време на студирањето поголема од 8,0 (кандидатите ќе достават оригинална потврда за положени испити и за средна оценка, издадена од факултетот)

Б. Година на студирање (кандидатите ќе достават потврда од факултетот и индекс за годината на која се запишани на студии)

  • Познавање на јазици- Англиски, Германски, Француски, Италијански (кандидатите ќе имаат можност да го покажат своето познавање на јазици)
  • Мотивираност за учество во програмата и нејзина промоција – Студентите ќе треба да изберат одредена тема која ќе ја следат или истражуваат додека патуваат. Темите може да бидат најразлични и може да се во согласност со нивните интереси поврзани со нивните идни професии. На крајот на патувањето, ќе се очекува од избраните студенти да напишат краток есеј на темата. Темите можат да варираат од архитектура, уметност, музика, улична уметност, урбаниот развој, транспортен систем, можностите и можности за образование, важноста на мобилност, животната средина и климатските промени, социјално претприемништво, граѓански ангажман, политички системи, развој на заедницата, разновидност и вклучување, можности за вработување, човекови права и социјални промени, управување со иновации, итн.

Приоритет ќе имаат оние студенти кои никогаш не патувале во странство.

Начин на пријавување

За пријавување потребно е да се поднесат неколку документи:

  • Апликација за пријавување – апликацијата се пополнува електронски, а истата може да се превземе од интернет страницата www.patvoevropa.org.mk 
  • Потврда за студентски статус (запишана година на студирање)издадена од факултетот/универзитетот
  • Потврда за положени испити со пресметан вкупен просек на оцени издадена од факултетот/универзитетот
  • Копија од Индекс (2-ра и 3-та страна каде се наоѓаат информациите за носителот и неговата слика) и копија од страницата од индексот каде е впишан последниот положен испит.
  • Копија од пасош и лична карта

Сите документи се доставуваат електронски на most@most.org.mk, а истите ќе бидат доставени и во оргинал доколку бидете селектирани за интервју.

Рок за доставување на пријавите: 25 јуни

Интервју

Само финалните кандидати ќе бидат повикани на интервју во Скопје кое ќе се одржи на 03 јули.

Жирито ќе избере листа од 30 кандидати кои ќе бидат поканети на интервју. Оваа листа ќе биде објавена на интернет страната на МОСТ во вид на линк, како и на официјалната интернет страна на проектот. Истата ќе биде споделена и на страницата на Фејсбук наменета а проектот.  

Ориентациона сесија

За избраните 12 студенти ќе биде организирана дополнителна ориентациона сесија на која ќе добијат подетални информации за патувањето, програмата и останати административни прашања.

Заминување

Студентите своето патување ќе го започнат на 24.07.2017 од Скопје. За нив ќе биде организиран превоз до Берлин. InterRail карта за воз ќе важи од 27.07.2017.

Дополнителни финансии и поддршка

Избраните студенти ќе имаат можност до почетокот на патувањето да се побараат и дополнителни индивидуални спонзорства и поддршка. МОСТ ќе издаде потврди за учество во проектот и ќе им овозможи на сите дополнителни спонзори на проектот нивна промоција на интернет и Фејсбук страницата на проектот, како и на сите останати промотивни материјали.

МОСТ за студентите ќе им обезбеди и брошури за промоција на Македонија.

Дополнителни информации

www.patvoevropa.org.mk

www.facebook.com/PatuvameVoEvropa

most@most.org.mk

tea@most.org.mk

Тел: 02 3099-384; 02 3099-385

Categories: 2017, Uncategorized