За проектот

1 Comment

ПАТУВАМЕ ВО ЕВРОПА 

Сегашната генерација на млади Европејци е прва која има израснато во безгранична и мирна Европа. Ова е Европа во која тие можат да се движат послободно, да работат и учат многу полесно од порано, која е многу поразлична од онаа во која израснаа нивните дедовци и баби.

За жал иако младите од Македонија се дел од таа генерација, во практика реалноста е многу по различна. Постои очигледна неможност на нашата млада генерација од прва рака да се запознае со фактите и искуствата на Европа. Најголем дел од младите луѓе, студенти на универзитетите во Македонија, кои што треба да бидат носители на развојот на земјата во наредните години, па и декади; заради настаните во последните години, визите како и финансиската состојба, никогаш ја немаат напуштено земјава.

Слободно може да се заклучи дека младите луѓе се изморени од слушање за Европа, до истиот степен до кој што се желни за директен контакт и специфични искуства од истата таа Европа. Директната средба со Европа е единствениот начин за здобивање на вредни сознанија за општественото опкружување.

Мисијата на проектот е 12 студенти од Македонија, преку патување, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури на земјите од Европа, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја  промовираат и Македонија во Европа.

МОСТ, донаторите и спонзорите на проектот ќе се погрижат секој од овие студенти за 1 месец да се почувствува како европски турист. Студентите ќе добијат бесплатна интер – раил карта за воз во времетраење 22 дена, здравствено осигурување, ISIC картичка, учество на специјалното отворање на програмата во Берлин и мал џепарлак; а со себе ќе понесат брошури за Македонија кои ќе треба да ги поделат на младите луѓе кои ќе ги сретнат на ова патување.

По враќањето, студентите ќе бидат задолжени за напишат краток извештај за својот пат и да направат фото презентација од местата што ги посетиле.

„Патуваме во Европа” последните шест години е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово. МОСТ настојува проектот да го спроведува секое лето, притоа проширувајќи ја бројката на учесниците. Досега повеќе од 120 студенти од Македонија биле дел од овој проект.

Categories: 2007